Дипломатски одговор на полскиот амбасадор Тицињски на недипломатските обвинувања на Заев

0
149

Полска одговори на обвинувањата за Заев дека оваа земја ,членка на Унијата, има проблеми со Владеењето на правото. Во ексклузивна изјава за Алфа, на прашањето за став околу изјавата на македонскиот премиер, полскиот амбасадор Војциех Тицињски потенцира дека неговата земја не е ни дел од над 50 истраги на Европската Комисија на ова поле во различни членки на Унијата. Со дипломатски речник, Тицињки одговара на недипломатската изјава на Заев дадена во Виена.

„Според податоците што се достапни на веб-страницата на ЕК во моментот, има 51 постапка за отворена повреда против земјите-членки со образложение дека земјите-членки не успеале да ги исполнат своите обврски и да ги применат пресудите. Ниту една од нив не се однесува на Полска. Полска никогаш не бил казнета од Судот врз основа на член 260 пар. 2 (непреземање на потребните мерки за усогласување со пресудата на Судот)“ – вели амбасадорот Тицињски во пишаната изјава.

Тицињски за Алфа посочува дека владеењето на правото е вградено во основите на полскиот Устав и дека разликата на мислењата се однесува само на одредена област на нејзиното спроведување и поделбата на надлежностите помеѓу Комисијата и земјите-членки. „Воведовме измени во законите кои ја формираат рамката на реформата во правосудството со цел да се прилагоди на сомнежите изразени од Комисијата. Советот не донесе никакви формални препораки или решенија за полскиот случај. Недостигот на мнозинство земји-членки за преминување во следната фаза на постапката покажува дека нашите партнери сега подобро ги разбираат полските аргументи“ – пишува Тицињски за Алфа.

И додека Полска го чека ставот на Судот на правдата на ЕУ, Унгарија, второспомената земја во обвинувањата на Заев, се’ уште не се изјасни околу недипломатската порака.

Познавачите на состојбите, изјавата на македонскиот премиер, со која тој буквално отвори дипломатска војна против земји од Вишеградската група, најголемите поддржувачи на македонскиот влез во ЕУ, земји кои силно притискаа за наш влез во Унијата, ја толкуваат како непромислен чин, адресиран на домашната публика. Велат дека замерувањето со моќни држави како Полска и Унгарија нема никаква политичка логика, особено од земја кандидат која самата има сериозни проблеми со владеењето на правото, четворица политички азиланти во три членки на Унијата и катастрофален перформанс во реформите на наведениот процес, за кои знае и Брисел.

Извор: ТВ Алфа