Дукоски за Алфа: Чавков е притворен без никаков основ, пресудата веќе се знае, а истата ќе падне во Стразбур

0
32

Службена белешка на припадник на специјалната единица „Алфи“ го однесе поранешниот прв човек на БЈБ и министер за внатрешни работи во притвор, на само три дена пред соопштувањето на пресудата за настаните од 27-ми април во Собранието.

Полицискиот службеник кој ја поднел службената белешка напишал дека некој му кажал дека Чавков планира бегство од државата, а овој во правото наречен „рекла казала“ момент, без никакви докази го однесе Чавков во Шутка.

Обвинителката Вилма Русковска денеска кажа дека нема што да се правда, а притворот го побарале поради оперативни сознанија од МВР. Алфа праша дали ОЈО има обезбедено докази дека обвинетиот планирал бегство и имал вила на Халдики, но прецизен одговор не доби, само велат дека Судечкиот совет оценил дека предлогот е издржан. Судот експресно го одобри барањето на Јавното обвинителство, иако и од таму велат дека се работи за невообичаена пракса.

-Во конкретното решение Советот констатира дека се работи за невообичаена пракса Обвинителството на само три дена пред објавување на пресудата да предлага најстрога мерка за обезбедување, велат од Кривичниот суд.

Во разговор за Алфа, неговиот адвокат, Сашко Дукоски вели дека во најблага смисла на зборот решението за притвор е чудно, а особено не е законско. Според него, ова нема врска со правото, претставува кршење на човековите права.

-Значи вие имате службена белешка од некојси полицаец, намерно велам некојси, кој што ниту е овластен, ниту има некаква задача и пишува службена белешка без било каков основ, повторувам без било каков основ, реален основ, или реален обид за некакво бегство. Имал вила во Република Грција, будалаштина, повторувам будалаштина. Ниту вила, ниту стан, ниту бутур, вели Дукоски за Алфа.

Дукоски вели дека Чавков бил пуштен да се брани од слобода со во тоа време рекордна гаранција во недвижности на своите најблиски од 600 илјади евра, покрај тоа одземен му е пасошот, а како дополнителна мерка се јавува во судот секој вторник наутро. Поранешниот прв човек на БЈБ од април минатата година кога беше пуштен од притвор ги почитуваше сите мерки на претпазливост.

-Баш ме интересира како тоа ќе избега. Ако избега таа гаранција пропаѓа, неговиот брат, неговата сестра и сите други најблиски ќе останат на улица. Тоа е нонсенс кој е незабалежан. Меѓутоа, ваквото однесување покажува дека донесена е пресуда и затоа под наводници сакаат да го обезбедат и таа пресуда ќе биде доста висока, изјави Дукоски.

Според Дукоски, пресудата која ќе ја донесе Кривичниот суд во петок, а според неговите зборови ќе биде најмалку 14 години, ќе падне на кој било Меѓународен суд.

-Да тој ќе биде осуден во петок, јас немам милиметар време или причина да се сомневам во тоа. Но, оваа пресуда никогаш нема да го помине судот на повисоките инстанци, а особено судот за човекови права во Стразбур, повторувам никогаш ова нема да помине, изјави Дукоски.

Обвинителството тврди дека обвинетиот ќе се даде во бегство со цел да ја избегне кривичната одговорност. Се поставува прашањето дали некој веќе ја знае пресудата за Чавков, со оглед на тоа што според ЗКП таа е тајна и не смее да ја дознае никој надвор од кругот на Судечкиот совет пред нејзиното соопштување.

Извор:АЛФА