Заев: Героски прашајте го зошто се препознал во „еден суетен новинар“

0
57

Зошто под квалификативот „еден суетен новинар” се препознал новинарот Бранко Героски тоа треба него да го прашате, вели во денешното интервју за МИА премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашањето дека иако ѝ се извинил на ЛГБТ заедницата, „медиумските организации го дефинираа ова како закана, атак врз слободата на новинарството и суетност на власта која треба да знае да трпи критика“.

Во изминатите две и повеќе години целосно ја отфрливме востановената режимска пракса на претходната власт да се вршат притисоци врз новинари, да се контролираат меидуми и да се користат државни ресурси за масовни рекламни пропаганди преплатени со пари на граѓаните. Во овие две години Министерството за внатрешни работи постапува по случаите на закани и напади од минатото врз сите граѓани, и не служи веќе како апарат за репресија. Општеството е целосно растеретено и ослободено од режимскиот притисок, а со тоа и значително е намален бројот на закани и напади, и кон новинарите и кон ЛГБТИ лицата.

Медиумските организации и новинарскиот еснаф се целосно вклучени во сите медиумски реформи кои беа обезбедени за демократизација и професионализација на медиумската сфера до сега, а нивната улога во реформите останува клучна и во периодот којшто следува. За подигнувањето на степенот на слобода и на условите за професионално и демократско работење на медиумите и новинарите говорат бројките и индикаторите на меѓународните организации кои се бават со слобода на изразување, како што е Репортери без граници.

Во исто време, моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите. Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам и затоа го давам ова појаснување, но останувам на моите определби за кои претходно зборував како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел.

А, зошто под квалификативот „еден суетен новинар” се препознал новинарот Бранко Геровски тоа треба него да го прашате, вели Заев.

Извор: republika.mk