Колумна на Рашела Мизрахи: „Сé е очајно, но јас нема да престанам да зборувам!“

0
28

Сте го читале ли Бекет ? Еден од основоположниците на таканаречениот „Театар на апсурдот“, кој во својот раскошен творечки опус, генијално и мајсторски застанува пред животните недоречености, за да им погледне во очи и низ префинет хумор кој понекогаш знае да заболи, ја жигосува лесноверноста, алчноста и глупоста, како сеприсутни особини во апсурдните општества. „Се е очајно, но јас никогаш нема да престанам да зборувам“ – вели Бекет, како да се обидува, постхумно да ја дефинира состојбата на општеството во кое ние денес живееме. Притиснати од предизвикот да се опстане, да се надмине, да се победи, пандемијата од која стравуваме заедно со целата земјина топка, изгледа не можеме да се ослободиме од апсурдноста со која политичкото водство составено од неработници и безидејници се обидува (и за жал успева) да ни ја покаже и најскриенста неспособност, за која можеби до сега и не бевме свесни.

Во битката, против невидливиот непријател, во која секојдневно ги пребројуваме загинатите и ранетите, темната легура на власта ни покажува колку големо може да биде незнаењето, колку е длабока површноста и колкаво е дното на малициозноста кон своите сопствени граѓани. По епскиот лупинг, идејата за намалување на платите во администрацијата (онаа истата што во предизборието ја напумпаа до крајни граници) од која за среќа се откажаа, антихероите на нашето време, узурпаторската социјалдемокатска камарила, прибегна кон донесување на таканаречен сет кризни мерки, кои веќе ги дадоа првите резултати.

Секојдневно се затвораат, компании, фирми и производствени капацитети, се повеќе работници добиваат отказни решенија, а вртлогот на економскиот хаос веќе наговестувс катастрофални последици по навионслната економија. Од друга страна, изостанува помошта за полесно пребродување на кризата од нашите пријатели и сојузници, кои речиси до вчера, не убедуваа во важноста на взаемноста и пријателството, кои ќе блеснат веднаш откако ќе се обезличиме самооткажувајќи се од своите идентитетски особености. Каде ли исчезнаа силните пријатели, сега кога се најпотребни? Сте слушнале ли можеби за некоја засилена дипломатска активност на министерот за надворешни работи во обид да и се помогне на татковината?! Секако – не, а и да ја има, таа ни оддалеку ја нема помпезната сеприсутност од времето кога истиот тој министер требаше да одработи за „повисоката цел“.

Во време кога Македонија грчевито се обидува да преживее со сите слабости на здравствениот систем, со голорак медицински кадар без маски и ракавици, како основно средство за заштита, кога граѓани ентузијасти печатат визири и бесплатно ги делат по медицинските установи, за да помогнат во справувањето со кризата, апсурдноста од почетокот на текстов повторно ги шокираше граѓаните! Донесена е одлука со законска сила за исплата на неисплатените плати на вработените во некогашното СЈО?! Мизерно, јадно, конспиративно, зад грбот на народот!

Како да беа малку силните милиони потрошени на каприците на „Чарлиевите ангели“ сите овие години и тоа баш во време на криза со која светот не се соочил од почетокот на минатиот век. Во кризни времиња доаѓа до израз големината на поединецот и хипокризијата на гнилиот систем кој секогаш како по некое непишано правило ги избира своите жртви меѓу сиромашните, унесреќените и гладните. Акцијата на донирање хуманитарни пакети за сиромашните погодени од кризата, во која камерата го „лови“ синот на Заев во преден план, е врвот на хипокризниот апсурд што го живееме. Вирусот си е вирус, но власта треба да размислува на гласовите во пост коронарниот период, ете таа е длабочината на дното во која живееме.

Студениот туш со хуманитарната помош од Словенија, и оној што ќе уследи со соодветна помош од Унгарија, би требало да го освести Спасовски од инертната безидејност во која е западнат, а на граѓаните ќе им ја зацврсти вербата дека сепак имаме пријатели во светот и дека заеднички можеме да го победиме предизвикот наречен Covid-19. Со надеж дека во блиска иднина, владата нема повторно да не изненади со уште некој кризен бисер од богатиот арсенал на својата неспособност….

Заштитете се ! Седете дома! „Се е очајно, но јас никогаш нема да престанам да зборувам“- Самуел Бекет.

Пишува: Д-р Рашела Мизрахи