ЛГБТИ до Заев: ИЗВИНИ СЕ, „педер“ не е карактерна особина, туку симболизира омраза и гадење

0
49

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија ЛГБТИ реагира на изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој вели дека нема да дозволи власта да ја урнар неколку криминалци, суетен новинар и педер.

Обраќањето на ЛГБТИ со премиерот го пренесуваме во целост.

„Почитуван премиере Заев,

ЛГБТИ луѓето зборот „педер“ го слушаат секојдневно; во училиштата, на улица, во државните институции, од ресторани и берберници до полициски станици. Да се биде „педер“ во Северна Македонија значи да се живее во средина која те дехуманизира, ти ја ограничува слободата, најгрубо ти се замешува во приватноста и не ти овозможува да ги остваруваш своите желби и планови под еднакви услови како и останатите граѓани. Бидувањето „педер“ некои од нас ги чинело и многу повеќе: насилство кое полицијата никогаш не го решила, семејства кои нѐ повредиле и не нѐ прифаќаат, насилство кое оставило длабоки рани од кои црпиме мотивација за отпор и солидарност, за ревносна борба за нашите права и рани на кои сме горди. „Педер“ не е нечија карактерна особина, „педер“ го симболизира општеството кое гаи омраза, страв и гадење кон нас.

ЛГБТИ заедницата во Вас и во Вашата партија гледаше и сѐ уште гледа сојузник. Не можеме да негираме дека во однос на правата на ЛГБТИ луѓето се остварија клучни чекори: донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, преземањето на финансирањето на ХИВ програмата, измени на Кривичниот закон во делот за делата од омраза, организирање на првата Парада на гордоста, препознавањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет и во други закони од областа на медиумите и образованието. Но нашиот живот и нашето секојдневие не се многу променети. Не можеме да останеме неми и на пропустите што ги правите: како двете изјави на министерот Филипче кои предизвикаа огромна штета на трансродовите луѓе, фактот што Министерството за внатрешни работи сѐ уште не гони нити препознава криминал од омраза, нерешените случаи на хомофобичните напади на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Управата за матична евиденција која одбива да ја спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права за промена на личните документи на трансродов маж, бројни пријави за говор на омраза кои заглавиле некаде помеѓу полицијата и обвинителството итн. Проблемите со кои се соочуваме се бројни, а вакви изјави од државниот врв не помагаат во нивно решавање.

Ве повикуваме да се извините јавно, овој пат по уште понавредливите оправдувања, со цел да се санира штетата предизвикана врз јавното мислење од вашата изјава. Но уште поважно, Ве повикуваме интензивно и сериозно да се зафатите со унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Тоа е единствен начин да се надомести за исклучувањето, стигмата и насилството кое оваа заедница го искусува и да се изгради едно општество за сите“, порачува ЛГБТИ.

Извор: република.мк