Македонија ја загуби драмата во Виена, Чесите слават голема победа

0
12

Репрезентацијата на Македонија загуби од Чешка (27-25) во „Штадхале“ во Виена во вториот натпревар на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Како и пред две години, чешките ракометари се израдуваа на победата, овојпат на уште поубедлив начин.

Почетокот донесе по еден пенал за секоја репрезентација. Капитенот Кирил Лазаров отвори со успешна реализација, а на спротивната страна возврати Ондреј Здрахала, најдобриот стрелец на шампионатот. За разлика од првиот меч во групата, на нашиот гол застана искусниот Борко Ристовски, кој беше замена за одличниот Николче Митревски. Селекторот Данило Брестовац ги изненади Чесите со таиктичи одлично подготвената одбрана 5-1, која не беше користена во победата над Украина.

Водството се менуваше наизменично во првите десетина минути. Ниту една репрезентација не успеа да направи серија со која ќе наметне свое темпо. Крилото Дејан Манасков започна подобро за разлика од претходниот меч и погоди два пати, одржувајќи ја ефикасноста во нашиот напад, заедно со Лазаров. Чешките ракометари целосно го анулираа македонскиот кружен напаѓач, па акциите често ги завршувавме од крило или со удар од девет метри.

Подвижната одбрана на македонската репрезентација донесе поголема агресивност, а со тоа пристигнаа исклучувањата. Талески и Стоилов во само неколку минути им овозможија на противничките ракометари да имаат бројчана предност, но блесна Ристовски, кој направи одлична асистанција до Георгиевски, а потоа одбрани зицер на спротивната страна. Подобриот период Македонија го искористи за да стекне прва позитива од два гола разлика (5-7).

Завршницата од првиот дел им припадна на македонските ракометари. Ристовски стануваше подобар како што одминуваше времето, но остатокот од тимот не си ја заврши работата во офанзивата. Не искористивме неколку шанси со играч повеќе, што ќе ни донесеше поголемо водство, па противникот тоа го искористи за да обезбеди резултатски приклучок. Транзицијата од одбрана во напад ни беше голем проблем, но ниту тоа не нѐ спречи во соблекувална да заминеме со предност од +2 (9-11).

Како и во првото, на идентичен начин пристигна нашиот прв погодок во второто полувреме. Лазаров искористи шанса од седум метри, но Чесите подобро започнаа и веднаш стигнаа до егал. Нивната фантастична серија продолжи и им овозможи чувствително да се одлепат. Црниот период од за македонскиот тим го прекина капитенот со два брзи гола, кој беше единствена светла точка во продолжението.

Доминацијата на Чешка го натера Брестовац да го внесе Митревски во игра. Често се случуваше да имаме празни минути во второто полувреме. Во еден период немавме релаизација цели пет минути, што секако беше клучниот фактор за конечниот резултат. Тимот на Јан Филип попушти во завршните моменти, а ние со четири гола во низа ја вративме неизвесноста и израмнивме на 22-22 на пет минути до крајот на натпреварот.

Финишот беше голема борба на нерви, па нијансите го одлучија победникот. За жал ние искористивме помалку шанси од нашиот ривал и на крај со наведната глава го напуштивме теренот. Лазаров со 11 гола беше прв стрелец кај Македонија, Манасков постигна пет, а Георгиевски четири погодоци.