Мицкоски: Преку аферата „Кеш“ гледаме дека правосудниот систем и самопрогласените Чарлиеви ангели биле алатка на Заев

0
13

Македонија има сериозен проблем со криминалните структури во правосудниот систем, посочи на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додавајќи дека состојбите се алармантни.

Во услови кога имате криминална влада, портите за корупцијата и инструираните одлуки во обвинителството и судството се широко отворени. И тоа не е проблем кој застанува во правосудните лавиринти, судството и обвинителството, тоа е проблем кој е создаден и потхрануван од Владата и Зоран Заев. Зоран Заев кој за овие три години не направи ништо за да смени нешто во овој корумпиран систем. Ако некој се прашува зошто е тоа така, треба да знае дека Зоран Заев лично е пречката за правдата во Македонија, рече Мицкоски.

Според него, покажувањето на показалецот на премиерот во заминување кон судството и обвинителството не го решава проблемот зошто тој показалец ја кочи правдата и е извор на неправдата.

Имаме власт која е заштитник на криминалот, и корумпираните судии и обвинители. Конкретно преку аферата „Кеш“ гледаме дека правосудниот систем, особено СЈО било претворено во алатка на Зоран Заев и власта за спроведување на политичка агенда, место каде биле вдомени партиски кадри, блиски роднини на судии, обвинители, политичари, дебело платени со парите на граѓаните. Онаа неколкугодишна претстава на СЈО, оние спектакли без правен крај, оние престави на самопрогласените Чарлиеви ангели чии усти беа преполни со зборовите Устав и закони, гледаме дека најмалку се бореле за правда, туку за прогон, но пред сè за заштита на криминалот.

И не се жалело пари за тоа. Десетици илјади евра, неколкупати повеќе од основната плата која пак исто така се брои во неколку илјади евра, и е далеку повисока од било која друга државна плата, без контрола биле плаќани во форма на награди и паушали. Па затоа во изминатиов период читавме провладини пера, гледавме платеници кои ја бранеа Катица и СЈО, го напаѓаа ВМРО-ДПМНЕ, мене, а ја бранеа Власта и Зоран Заев, порача Мицкоски.

Мицкоски додаде дека гледаме како СЈО си имала и приватна полиција платена со народни пари, преку началникот на Алфите.

Гледаме како и ќерките, синовите, внуците на судиите, обвинителите, земале покрај платата и паушали во илјадници евра. Скоро и да немало вработен кој не е таму по пат на непотизам, или по партиски клуч да му служи на Зоран Заев и СДСМ. И наместо правда, добивме рекет, наместо правна разрешница, добивме изигрување на процедурите, наместо независност, добивме партизираност, наместо заштита, добивме атак врз словото на Уставот и Законите.

Згора на сè, сето ова поминува неказнето, млитаво, со дефоксуирање на вистинските скандали. Имаме некоја бледа истрага за илјадниците евра паушали, која повеќе личи на борба да се влезе во СЈО и да се обезбедат доказите кои отвораат сомнеж за незаконско постапување на институцијата со неславен крај, а пред се да се заштитат главните наредбодаватели, оние по чии упатства работеле Катица, Фатиме, Лиле и останатите, а чии пипци, како и за се друго покажуваат кон владата на Македонија, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека се покажа дека намерата на Власта не беше да се постигне договор за обвинителство, туку да се спаси кариерата на обвинителите од корумпираното СЈО.

Аферата покажува зошто Заев беше пречката да нема нов закон за обвинителство. Во моментот кога го постигнаа тоа преку прераспределување во редовното обвинителство, тие ја загубија желбата за закон за обвинителство. Уште во месец јули побарав истрага за работата на обвинителите, а тоа од власта беше лажно интерпретирано како обид да се спречи правдата.

Денес кога гледаме дека нема никаква правда од овие обвинители, Заев за да одбегне одговорност за состојбите, и тој бара истрага. И навистина е лицемерно да излегува со видео обраќање Заев на кое повикува прочистување на нечесни судии и обвинители кои пак се хранат од неговата рака како што се гледа преку аферата Кеш. Не е само проблемот што има судии и обвинители кои се корумпирани, туку што Заев е браната да се стигне до откривање на тој кримина, рече Мицкоски.

Извор: република.мк