Народна банка: Користете помалку готовина

0
53

Народната банка во насока на заштита на здравјето на граѓаните апелира помалку да се користи готовина и да се зголеми употребата на платежните картички и другите алтернативни електронски начини на извршување на трансакциите.

– На таков начин ќе го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на сите околу вас, истакнуваат од Народна банка.

Воедно им се препорачува на банките да ги разгледаат можностите за наамлување на провизиите поврзани со безготовински трансакции.

– За намалување на ризиците од употребата на денарската готовина, воведовме зајакнати протоколи за постапување, коишто се однесуваат на редовно повлекување на банкнотите и монетите што се во циркулација и нивно чување во карантин пред повторното пуштање во промет, а воедно ги укинавме и повизиите коишто ги наплатуваме од банките за полагање и подигање денарска ефектива. Ваквата процедура ќе се почитува и од страна на банките со кои остваруваме активна комуникација со цел заеднички да обезбедиме сведување на ризиците од контаминација и пренесување на заразата преку готовината којашто е во оптек на најниско ниво, велат од Народна банка.

Особено се препорачува претпазливост при користење на странска готовина односно девизи кои се внесени од друга држава и носи ризик од пренесување на заразата. Препорака е ваквите девизи да се разменат во овластени банки и менувачници по што ќе се применат посебни мерки за постапување и со оваа готовина, за да се намали можноста за пренесување зарази преку овој канал.

Од Народна банка апелираат до сите граѓани да ги следат и да се придржуваат кон препораките од надлежните органи со цел што побрзо и поефикасно справување со настанатата состојба.

Извор: република.мк