Најмалку 12 загинати во протестите во Венецуела

0
74

Најмалку 12 лица загинаа во бранот антивладини протести во Венецуела, соопшти денеска невладината организација Венецуелска опсерваторија за општествени судири.

Координаторот на Опсерваторијата, Марк Понсе ги објави и имињата на загинатите.

Трета ноќ по ред стигнуваат извештаи за кражби во сиромашните населби во Каракас и за судири меѓу демонстрантите и припадниците на безбедносните сили.

Амнести интернешнал го повика венецуелскиот претседател Николас Мадуро да ги почитува правата на демонстрантите и неодложно да ги казни припадниците од војската и полицијата кои се вмешани во репресија.

Стотици илјади граѓани на Венецуела излегоа на протести против претседателот Мадуро.

Протестите се одржуваат на иницијатива на опозицијата, која тврди дека актуелниот шеф на државата нелегално ја узурпирал функцијата на 10 јануари, откако по вторпат беше избран за претседател на избори бојкотирани од опозициските партии.

Опозицискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гуаидо вчера се прогласи за привремен претседател на државата.

Војската на Венецуела одби да го признае Гуаидо за привремен претседател, но тој беше признат за нов лидер на земјата од САД, Канада, Бразил, Аргентина, Колумбија, Парагвај, Чиле, Перу, Гватемала и Костарика.