Ордановски: Катица Јанева е „мртва“

0
2877

Многу ми се допаѓа иницијативата за враќање на парите што ги земале обвинителите на СЈО како дополнителни бонуси за својата работа. За таа иницијатива да има вистинска општествена и политичка смисла, предлагам и модел како тоа да се направи.

Имено, би било добро таа иницијатива да се прошири, а на листата да се додадат сите оние кои земале огромни пари од државата како дополнителни приходи во изминатите десетина години. Процесот би можел да го води ДКСК, а за уплата на средствата да се отвори посебна сметка во Министерството за финансии. На брзо организиран референдум (може да се гласа заедно со вонредните парламентарни избори, ем ќе заштедиме!), граѓаните да одлучат за што и како ќе се наменат така собраните средства.

Ова ќе биде потребно да се уреди со посебен закон, кој би се донел по најитна постапка, пред да се распушти Собранието за претстојните избори. Предлог-законот за ова до Собранието да го достават Антонио Милошоски, Силвана Бонева и Мира „Дизел“ и тие, за пример, да бидат првите кои ќе ги вратат своите милионски денарски бонуси што, со години наназад, ги имаат инкасирано од државата. Очекувам Мицкоски, Заев и Ахмети да дадат полна политичка поддршка за овој предлог. Барем еден од нив ќе има за враќање.

Но, за оваа уникатна граѓанска антикорупциска „револуција“ да успее, неопходна е искрена поддршка од медиумите. Затоа, за подигнување на јавниот кредибилитет на овој мошне значаен општествен проект, во процесот на враќање на парите да се вклучат директорите и главните уредници на трите, највисоко пласирани национални телевизии кои од 2010 до 2017 година од владата на Груевски добиле „бонуси“ од вкупно (над) 24 милиони евра… да, евра, евра, не денари. Бидејќи голем дел од тие пари се потрошени на јахти и поршеа на газдите, предлагам тие (газдите) да вратат колку им останало од парите, а на главните луѓе од нивните објективно уредувани телевизии да им се овозможи средствата да ги враќаат на рати (на пример, по 200 евра месечно, до исполнување на преостанатата вкупна сума за враќање). Истиот модел (враќање на рати) да се примени и за сите веб-портали кои функционираат во пропагандниот дигитален простор на Македонија, и да им се овозможи на нивните први луѓе чесно, прогресивно порамнување на долгот. (За Миленко, срцка, кој е банкротиран, по исклучок, симболично да се овозможи повраток на парите во канти козјо сирење, па после макар и да ги истуриме во канализацијата на неговиот портал.)

Во тој ред за враќање, се разбира, се пријавувам да застанам и самиот, за да го израмнам долгот за хонорарите од 225 илјади денари земени од СЈО. Не беа некои големи пари – два дена сум изложен на подбив, ме турија од заебавање по Дебар Маало за тоа колку сум бил евтин – но задоволството да се помогне во борбата против македонскиве криминалци беше големо! А и друштвото, гледам, главно, не е лошо, што може да го објасни темелното протресување на политичкото и бизнис подземје што ја владееше Македонија со години. Сега трошат милиони (од украдените пари) за да ја убедат јавноста дека треба повторно да се вратат на власт.

Затоа, има смисла на оваа специјална сметка во Министерството за финансии, под мониторинг на ДКСК, да се слеваат и сите средства кои ќе се наплатат од заплените на имоти и враќањето на криминално заработените пари на осудените од процесите кои се водат од страна на некогашното СЈО. Предвидувам дека, на пример, доколку заврши со осудителни пресуди, само од „наплатата“ (главна сума, плус камати) од случајот „Империја“, доколку на граѓанскиот референдум така се одлучи, би можело да се консолидираат пензискиот и здравствениот фонд на Македонија барем до 2030 година.

Така ќе постигнеме – откако се „погреба“ Катица Јанева и пред да започне судењето за „Рекет“, а „убивањето на рати“ на СЈО е примарната цел на политичките и криминализираните структури на опозицијата и нивните медиумски промотори во предизборието до април – да ја сочуваме и да ја поттикнеме, материјално и морално, борбата за правна држава во Македонија.

Е, да, Катица е „мртва“ – ама да живеат судските процеси на СЈО!

Извор: civilmedia.mk