Османи и Димитров очекуваат поддршка од Франција за евроинтеграцијата

0
7

Европските интеграции на земјава во контекст на неодамнешното објавување на документот на Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес беа во фокусот на разговорите на средбата што вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ја имаа со Амели де Моншален, министерка за Европа и претставничка на Република Франција во Европската Унија.

Навистина претставува охрабрување срдечноста и пријателството со кое сме дочекани во Париз, што недвосмислено говори за пријателските односи кои ги имаме со Француската Република и нејзина искрена поддршка за нашиот напредок во ЕУ. Пораките се јасни: новата методологија претставува добра основа за земјите кои се искрено подготвени за реформски напредок, што е добра вест за граѓаните кои очекуваат резултати, а поголем предизвик за политичарите кои ќе мора повидливо, и транспарентно да ги испорачаат; преземаме дополнителна обврска да продолжиме со испораката на резултати како основа за содржаен и квалитетен извештај на Европска комисија во февруари, потврдувајќи ја нашата определба преку заслуги да го оствариме нашиот напредок во европските интеграции, истакна Османи по средбата во Париз.

Димитров, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, ја подвлече потребата да се дозаврши работата дома во смисла на донесување на Законот за ЈО. На ваков начин, според него, ќе се отстрани секаков вид изговор и подготвени ќе ги пречекаме дискусиите во Советот.

Таму, уверени сме дека може да се најде решение врз основа на новата методологија на ЕК. Таа обезбедува посилно политичко управување и вклученост на земјите членки во процесот. Ќе продолжиме решително по реформскиот пат и блиску сме до целта, вели шефот на дипломатијата.

Во рамки на посетата Османи и Димитров претходно остварија средба со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел Макрон, и со пратеничката Мариел де Сарнез, која воедно е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, а планирано е да се сретнат и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.

Денешната посета на Османи и Димитров на Француската Република, како што велат од СЕП, се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на пристапните преговори.

Извор: република.мк