„О2 Иницијатива“: Автобусите на ЈСП не само што загадуваат, туку се ризик и по животот на тие што се возат во нив

0
48

Автобусите на ЈСП низ скопските улици, чадат, се запалуваат, не само што загадуваат, туку се ризик и по животот на тие што се возат во нив. Апелот е постојано да се користи јавниот превоз, наместо автомобилите, за почист воздух, но КАКО да ги натерате луѓето да ги напуштат возилата со ВАКОВ јавен транспорт?!?

Ова го порачуваат од О2 Иницијативата.

Нивното обраќање до јавноста, го пренесуваме во продолжение:

Од вкупно 417 автобуси, исправни се само 262, а во оптек се само 209, половина од она што се води како возен парк на ЈСП (податоци за 2019, јан-јун)! 155 од автобусите се НЕИСПРАВНИ.

  • 4 автобуси се стари помеѓу 36-40 години,
  • 16 помеѓу 31-35 год,
  • 33 помеѓу 26-30 год,
  • 14 помеѓу 21-25 год,
  • 37 помеѓу 16-20 год (податоци за 2017, сега се за уште 2 години постари истиве автобуси).

Дневно во резерва има 16, рекордно најмал број.

Минатата година, испаѓа дека неисправни автобуси биле ставени во оптек, зошто технички исправни биле 65%, а се искористиле 78% од вкупниот возен парк?!?

Телма во декември 2018 пишуваше дека 30 црвени од кинеските се претворени во отпад, и 13 од вкупно 80 украински, набавени само пред 7 години.

Некои биле расипани уште од 2015, со дефекти на мотори и менувачи, а сервисирањето било скапо, комплицирано и економски неисплативо, зошто во меѓувреме овие автобуси служеле како депо на резервни делови и се ваделе други делови. Така од 15 панорамски двокатни останале само два лани. Се ваделе мотори, менувачи, прозорци, шофершајбни, кочници, столчиња, и др. за да ги стават во затворените двокатни.

Во дефицит на автобуси, зошто „новите“ од пред 7-8 години расипани, демонтирани, на нивно место ги пуштиле старите од пред 30 години.

Најновите на гас кои Шилегов две години ги збори, ќе ги видиме дури во првата половина на 2020. Колку точно од најавените 30-40, иднава недела ќе се дознае кога ќе го потпишат договорот со хрватската компанија Ауто Хрватска која го доби тендерот.

Пак ќе сведочиме на постојаните дефекти на кинеските и украинските за кои се дадени 54 милиони евра и ќе стравуваме од нивно самозапалување возејќи се. Зошто овие на гас само ќе ги заменат размонтираните што сега им служат за резервни делови.

Као вели Грета во последното видео, „Ова не е дрил“. Е не е. Ова е нашата хард кор реалност, каде ај што ќе се надишеш црнила, туку можеш и да загинеш возејќи се во име на почистата иднина и Зелено Скопје. Лудо сè до даска.
Пријавете го Скопје за следниот Survivor. Ова треба да се преживее.