Пријателите на Македонија го блокираа француско-германскиот предлог за одлагање на одлуката до април

0
145

Група земји-членки на ЕУ, предводени од Словенија и Малта и поддржани од Бугарија, доцна синоќа го блокирале предлог-заклучокот составен од Ангела Меркел, Емануел Макрон и Доналд Туск, за одлагање на одлуката за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија за на пролет.

Самитот на ЕУ продолжува и денеска, но неизвесно е дали лидерите повторно ќе се навратат на темата за проширувањето на Унијата. Државите-пријатели на процесот проценуваат дека во вакви околности е подобро Самитот да заврши без заклучок.

„Ново одлагање, без јасно преземање обврска дека и во април нема да има нова одлагање, дополнително го нарушува кредибилитетот на ЕУ и ги обесхрабрува земјите-кандидати и нивните граѓани. Подобро да нема заклучок отколку да има лош заклучок“, коментира дипломат присутен на состанокот.

НАМЕСТО РАЗДОЈУВАЊЕ, МЕРКЕЛ СО ПРЕДЛОГ ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ

Откако вчера станало јасно дека поради Франција не поминува компромисната варијанта за почеток на преговори и паралелно воведување нова методологија, на маса се нашла идеја за давање зелено светло само за Северна Македонија, а не и за Албанија. Но, иако претходно имаше информации дека Ангела Меркел би се согласила со такво сценарио, на крај таа, Макрон и италијанскиот премиер Џузепе Конте се спротивставиле на раздвојување на двете држави. Холандија и Данска биле „за“.

Следувала пауза и заедничко пишување предлог-заклучок од Меркел, Макрон и Туск, кој во основа предвидувал одложување на одлуката за на пролет, по локалните избори во Франција закажани за март, а во меѓувреме, воведување нова методологија.

Кога предлогот бил ставен на маса пред сите лидери, жестоко се спротивставиле премиерите на Словенија и на Малта, Марјан Шарец и Џозеф Мускат, а ги поддржал и бугарскиот колега Бојко Борисов. Аргументот бил дека предлогот е исклучително лоша порака до Северна Македонија и до Албанија и дека не смее да помине. Поради тоа, рано изутрината Самитот беше прекинат без заклучок за проширувањето, а неизвесно е дали дебатата на оваа тема ќе продолжи денеска.