Противуставните небулози на Кацарска во случајот за 27 април објавени и од Универзитетот Колумбија

0
194

И на Универзитетот Колумбија ќе се изучува Добрила Кацарска како пример како не треба да се води една постапка.

Еден од најпрестижните универзитети во светот на својот официјален сајт го објави случајот во кој судијката Добрила Кацарска противуставно ги казни адвокатите во случајот за 27 април со високи парични казни во вредност од илјадници евра и ги отстрани од судењето, со што обвинетите ги остави без бранители.

Случајот е објавен во делот за Глобалната слобода на изразување, на официјалниот сајт на Универзитетот Колумбија. Таму е образложена со факти одлуката на Уставниот суд на Република Македонија да ги поништи казните изречени до Кацарска од 1.000 евра за сите адвокати, односно намалените казни од 500 евра од страна на Апелациониот суд.

Судијката Кацарска на рочиштето на 16 октомври 2018 на кое се сослушуваше т.н. „загрозен сведок“, а кое поради технички причини беше преместено во просториите на стариот Кривичен суд Скопје 1, со жестоки казни реши „да ги дисциплинира“ адвокатите кои стоејќи во судницата протестираа за нечовечките услови во просторијата претесна да овозможи нормално следење на постапката и работа на адвокатите во таков важен случај, особено во услови кога се сослушува исказ на т.н. „загрозен сведок“.

Поради несоодветните услови за работа на адвокатите и немање на биро пред себе на кое ќе може да ги запишуваат кажаните тези од „загрозениот сведок“ во малата сала, тие побараа одложување на рочиштето се до поправка на опремата во новиот објект на Кривичниот суд, што беше неприфатливо од неразбирливи причини за судијката Кацарска.

Кацарска стана позната како судија која во овој случај одржуваше рочишта „како да е на норма“, по 4 пати во неделата и кои траеа по 10, 12 па дури и 14 часа во текот на денот. Целта за ваквото водење на постапката од страна на Кацарска, според одредени политички аналитичари, беше да се води максимално брза постапка за овој случај за да може да се „притиснат“ обвинетите пратеници со цел да гласаат за промената на Уставното име на Република Македонија.

Двајца од казнетите адвокати, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, поднесоа претставка до Уставниот суд против решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд. Уставниот суд во септември годинава ги поништи решенијата на Кривичниот и на Апелациониот суд со кои парично беа казнети адвокатите во случајот за 27 април.

На адвокатите им е повредено уставното право на „слобода на мислата и на јавното изразување на мислата, рекоа од Уставниот суд, потенцирајќи дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право, кое е нераскинливо поврзано со човековата личност.

Според професорот Димче Апасиев, одлуката на Уставниот суд е доволен основ за разрешување на судијката Добрила Кацарска.

Предметот „27 Април“ од аспект на повредите на правата на одбраната (обвинетите и нивните адвокати) привлече реакции и од Коалицијата „Сите за правично судење“ која објави соопштение во кое укажува на губењето на квалитетот на процесот за сметка на „темпото“ наметаното од Кацарска.

Коалицијата веќе неколку пати реагира со цел да укаже на губењето на квалитетот на процесот на сметка на брзината на процесот, што беше анализирано преку правото на судење во разумен рок, правото на адекватно време и простории за подготовка на одбраната (особено кога обвинетите се во притвор), како и способноста на учесниците во постапката соодветно да ја презентираат својата теорија на случај, но и способноста на судот да ја следи расправата со должно внимание, соопштија од Коалицијата.

Маратонските рочишта се најдoa и во месечниот извештај за состојбата со човековите права на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Противустаните казни како дел од противправните небулози на Кацарска за кои реагираа (и беа казнувани) адвокатите на тогаш обвинетите во случајот за 27 април дојдоа пред очите и на светската јавност, откако еден од најпрестижните универзитети во светот го објави јавно овој случај како пример кога Уставен суд одлучил за поединечен правен акт со кој се вршела повреда на право загарантирано според Европската конвенција за човекови слободи и права.

Колумбија Унвиерзитетот е дел од најпрестижните осум универзитети во САД, заедно со Браун, Корнел, Дартмут, Харвард, Пенсилванија, Принстон и Јејл. Исто така универзитетот Колумбија е рангиран како осми на Шангајската листа за најпрестижни универзитети во светот.

Извор: република.мк