Скандал „ИФИМЕС“: Заев плаќа советници за да убедуваат дека „Рекет“ не постои, туку е заговор против неговата влада

0
43

Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС објави анализа според која милионското рекетирање на бизнисмени во случајот „Рекет“ фактички не постои. Според ИФИМЕС, случајот бил „темелна разузнавачка акција со цел да го опструира евроатлантскиот пат на Македонија“.

Во скандалозната анализа на ИФИМЕС случајот со милионското рекетирање на бизнисмени преку злоупотреба на судскиот систем во Македонија, за кој осомничена и притворена е и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, целосно се игнорира и истиот е наречен „напад“ врз Македонија, спореден со „нападот на Црна Гора пред членството во НАТО“.

БОКИ 13 И КАТИЦА СЕ ЛУЃЕ НА ПУТИН?!
Дополнително скандалозно во целата ситуација е што на списокот за надворешни соработници на премиерот Зоран Заев објавен неодамна се наоѓаат и директорот на ИФИМЕС Зијад Беќировиќ (реден број 3 на списокот) и самиот институт ИФИМЕС (реден број 4 на списокот). Па така, платени со државни пари, директорот на ИФИМЕС и институтот ИФИМЕС објавуваат анализи во кои убедуваат дека „Рекет“ не постои онаков каков што го знаеме, туку станувало збор за „меѓународна разузнавачка операција во која внимателно биле избрани/договорени актери за одредени улоги“.

ИФИМЕС се обидува да го сврти вниманието од сомнежите за брутално рекетирање на поединци опфатени со случаите на СЈО во кое јавноста шпекулира дека се вмешани и луѓе од самиот државен врв. Новата теза, платена со државни пари, е дека „Рекет“ бил разузнавачка операција со цел да го попречи патот на Македонија кон НАТО.

Односно, преведено во реалниот контекст, според „ИФИМЕС“, институтот кој се наоѓа на платниот список на Владата, Боки 13 и Катица Јанева фактички не рекетирале бизнисмени со милионски суми манипулирајќи со обвиненијата на СЈО, туку биле дел од разузнавачка операција против членството на Македонија во НАТО. Ако ова се поврзе со претходните јавни изјави на медиумските експоненти на власта, Боки 13 и Катица според ИФИМЕС се веројатно тајни агенти на Путин кои работеле против членството на земјава во НАТО. Премногу лудо за да биде вистинито, дури и во земја во која премиер е Заев, кој нарачува и плаќа вакви анализи со државни пари.

НЕМА РЕКЕТИРАЊЕ, СЕТО ТОА Е ОПЕРАЦИЈА НА СЛУЖБИ ЗА УРИВАЊЕ НА ЗАЕВ
Во анализата на институтот ИФИМЕС уште стои и дека целта на „Рекет“ не била тотално манипулирање со правосудниот систем во функција на добивање милионски суми од луѓе опфатени со случаите на СЈО, туку целта била „дискредитација, криминализација, елиминација и последователно уривање на Зоран Заев и неговата Влада, предизвикување хаос и преземање на власта со или без одржување на предвремени избори.“

ИФИМЕС влегува и во најфаталистички зони на анализирањето стимулирано со пари од македонската влада, зборувајќи дека Заев спречил распад на Македонија?!

Благодарение на навремена реакција и напорите на безбедносно-разузнавачкиот сектор, сепак е спречен распад на земјата, кој бил подготвен за реализација. Според проценките, режимот на Никола Груевски неказнето изнел од Македонија над пет милијарди евра, а за операцијата за уривање на власта се издвоени 50 милиони евра, пишува во анализата на ИФИМЕС.

ДАЛИ ЗАЕВ НАЈАВУВА ВОСПОСТАВУВАЊЕ ДИКТАТУРА ПРЕКУ АНАЛИЗАТА НА ИФИМЕС ПЛАТЕНА СО ПАРИ ОД МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА?
Еден дел од анализата на ИФИМЕС е посебно впечатлив поради опасната реторика. Имено, ИФИМЕС отворено препорачува во Македонија да се спроведела политичко-правосудна операција по примерот на „Сабја“ од соседна Србија во рамките на борбата против криминалот и корупцијата.

Ова е дотолку повеќе апсурдно што стои во истата анализа во која ИФИМЕС платен од Заев препорачува Заев да преземел „Сабја“ против криминалот, акцијата „Рекет“ во која се притворени јавен обвинител и соучесници осомничени за злоупотреба на правосудниот систем во функција на криминал, е наречена разузнавачка операција за пад на Заев.

Посебно е важно, со воспоставување на владеење на правото во државата повеќе да нема недопирливи поединци и правни лица. Затоа во Северна Македонија ќе биде неопходно спроведување на полициско-правосудна акција „Сабја“ по примерот на Србија од 2003 година, а тоа значи да се направи пресек и целосна пресметка со криминалот и корупцијата. Секое друго парцијално решение дополнително ќе ги усложни односите во Северна Македонија, која во изминатите две години земја-случај стана земја-надеж за останатите за останатите земји од регионот, се вели во анализата на ИФИМЕС.

ЗА ИФИМЕС ЈАНЕВА Е НАЈДОБАР ОБВИНИТЕЛ ВО РЕГИОНОТ, А 64% ОД МАКЕДОНЦИТЕ ЌЕ ГЛАСАЛЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО
Соработката на Заев со ИФИМЕС не е „од вчера“. Премиерот уште во 2015 година гостуваше во Словенија токму во овој институт да зборува за „Вистината за Македонија“, после што во многу наврати ИФИМЕС отворено ги поддржуваше СДСМ и Заев, а подоцна и политиките на Владата на Република Македонија.

Во периодот пред пропаднатиот референдум за името, ИФИМЕС не изостана со својата поддршка кон политиките на Владата на Република Македонија, објавувајќи наводна анкета според која 63,6% од граѓаните на Република Македонија ќе излезеле на референдумот за името. За потсетување, излезноста на пропаднатиот референдум беше 36,9% со што прогнозите на ИФИМЕС се веројатно меѓу најголемите промашувања во историјата на современата политика во Европа и светот.

Поддршката од ИФИМЕС не изостана и кога требаше да се „дува ветер во едрата“ на Специјалната обвинителка Катица Јанева, која во моментов е во притвор во рамките на истрагата за случајот „Рекет“. ИФИМЕС Јанева ја одбра за најдобар обвинител на Балканот, а СЈО го прогласи за најдобро обвинителство на Балканот.

ДАЛИ ЗАЕВ ИМ ПЛАТИЛ НА ИФИМЕС ЗА ДА ТВРДАТ ДЕКА РЕКЕТ Е ДЕЛО НА СТРАНСКИ СЛУЖБИ, А НЕ КРИМИНАЛ НА КАТИЦА И ЛИЦА ОД ВЛАСТА?
На Јанева ѝ беше доделено и признание од страна на ИФИМЕС, кој сега се чини повторно се обидува да им помогне и на Заев и на Јанева истовремено, со тоа што случајот „Рекет“ ќе го насочува како обид за рушење на власта на Заев, а не како случај во кој е вмешана обвинителката која му помагаше на Заев да го сруши ВМРО-ДПМНЕ од власт покренувајќи истраги само за политичките опоненти на Заев.

Имајќи предвид дека ИФИМЕС и неговиот директор се на платниот список на владата која ја предводи Зоран Заев, се поставува прашањето дали Заев со ваквите „нарачани бакшиш анализи“ се плаши дека „Рекет“ може да дојде и до него, па бара „спас“ во тезите дека нема криминал во „Рекет“ туку дека странски служби сакале да го рушат од власт?

Целата анализа на ИФИМЕС ТУКА.