Со Huawei на чело, кинеските смартфони опфаќаат една третина од европскиот пазар

0
97

Денес беа објавени најновите податоци од страна на Canalys, кои велат дека кинеските телефони всушност доминираат на европскиот пазар. И не само тоа, тие секоја година ја зацврстуваат својата позиција со сѐ поголем дел од понудата, побарувачката и продажбата во Европа.

Минатата година на европскиот пазар беа претставени многу нови кинески смартфони – компаниите Huawei и Oppo ги претставија нивните модели во Париз, а веднаш по нив истото го направија и Xiaomi и OnePlus, кои полека и сигурно се шират и стануваат се попопуларни. Canalys тврди дека 32% или отприлика една третина од европскиот пазар ја сочинуваат кинеските производители, а Huawei е на чело на листата на индивидуални производители, со неверојатни 20% од вкупниот пазар на телефони.

Huawei беше еден од главните предмети за непријателството помеѓу Кина и САД во 2018 година, кога амбициите на оваа компанија да влезе на американскиот пазар не се остварија, поточно наиода на голем отпор од локалните оператори и законодавци. Но, според аналитичарот Бен Стентон, тоа беше добро за европскиот пазар на смартфони. Кинеските производители наместо во САД, инвестираа во Европа и направија конкуренција во цената.

Глобалниот пазар на смартфони полека се смалува, следејќи го трендот на Западот, но тоа не важи за источна Европа. Најголемиот пад во бројот на продадени смартфони забележа лидерот Samsung и тоа за 10% во однос на 2017 година. Apple исто така не може да се пофали со добри резултати, бидејќи забележа пад од 6%. Оваа компанија во 2018 година продаде 42,8 милиони модели на iPhone во Европа, додека Huawei продаде 42,5 милиони телефони. Ако овие трендови продолжат со исто темпо, Huawei многу брзо ќе го осигура второто место во Европа, веднаш зад Samsung, притоа претекнувајќи го Apple.