Успешно тестирање на рускиот интернет – Русите можат и без светска мрежа

0
116

Русија ги заврши тестирањата на сопствената мрежа за проверка на можноста на оваа земја да функционира без да биде приклучена на светскиот интернет.

Тестирањето покажало дека државните агенции и оператори се подготвени ефикасно да одговорат на заканите и да обезбедат интернетот и комуникациите ефикасно да функционираат, соопшти заменик министерот за комуникации Алексеј Соколов.

Проверката траела неколку дена на специјално дизајнирани мрежи, спроведена е во склоп со законот за „суверен интернет“ кој е усвоен во ноември, како одговор на она што Русија го нарекува „агресивна природа“ на американските безбедносни стратегии во доменот на интернетот, пренесе „Ројтерс“.

Според тој закон, државните институции и безбедности служби, како и сите оператори за комуникација, пораки и електронска пошта, мораат да учествуваат во тестирањето кое не влијае на регуларните корисници на интернет.

„Нашата цел беше да обезбедиме непречена интернет услуга на руската територија по било кои околности“, објасни Соколов.

Министерството за комуникација ќе упати извештај за резултатите од тестирањето до претседателот на Русија Владимир Путин.

Извор: taratur.com