Чупиќ: Ќе преживееме без плата, но не и без Вардар – Имавме состанок со Самсоненко

0
76

Вардар е во финансиска криза и тоа веќе им е на сите јасно, сепак против Мотор ракометарите покажаа дека можат да соберат сили да одиграат на едно високо ниво.

Пред вториот натпревар во овој втор дел од сезоната и претпоследен во групната фаза против Порто на гостински терен, Иван Чупиќ зборуваше за ситуацијата и како што кажа не е првпат во Вардар да има вакви проблеми.

„Се разбира дека не е идеално за нас да играме без плата, тоа не е новост и не се случува првпат. Најважно ми е што моето семејство е добро. Некој оди во градинка, некој на училиште, некој игра ракомет… Се навикнавме да нема пари, можеме да преживееме без плата, но не и без Вардар“, изјави Чупиќ.

Чупиќ откри и дека имале состанок со Самсонеко и Михајло Михајловиски и дека повеќе работи ќе се знаат до крајот на месецот. Најважно е што и тој како и Стоилов на прес-конференцијата пред Мотор потврди дека тие што останале, остануваат сигурно до крајот на сезоната.

„Ние што сме тука и навивачите не сме се откажале, сметам дека до крајот на сезоната нови заминувања нема да има. Имавме еден состанок со Самсоненко и Михајло Михајловиски, ни кажаа дека повеќе ќе се знае до крајот на овој месец. Што точно, не знам ниту јас. Како и да е јас сум тука до крајот на сезоната мислам дека така размислуваат ио станатите. Навистина сакам работите да се стабилизираат, но сега не знам ништо повеќе“, изјави хрватскиот ракометар.

Извор: спортски.мк