Ќе има ли музика и свадби или само рачки од тапан?!

0
50

Ќе има ли музика и свадби годинава или само рачки од тапан? Се уште е неизвесно- и за угостителите и за комплементарните дејности и за младоженците!

Веќе втора недела, рестораните за организирани настани, ноќните клубови, заедно со останатите комплементарни дејности- музичари, фотографи, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери, го изразуваат своето незадоволство со серија протести низ Скопје.

Незадоволни се од 5-тиот пакет мерки во кој, како што велат за КУРИР, целосно се заборавени.

-Имено како и за помошта која претходеше досега, така и во 5 тиот пакет економски мерки, ние сме ставени во иста категорија на економски субјекти со оние кои имаат пад на ланскиот промет. За разлика од нив, ние сме целосно спречени да работиме, бидејќи имаме забрана за вршење на нашата дејност, со одлука на Владата. Како такви, сметаме дека кон нас треба да имаат посебен приод при доделување на економските мерки, подвлекуваат тие.

Пет месеци од сопствени средства пуштаат плати за нивните вработени, бидејќи државата им помогна само 6 месеци, со условена помош. Цели 11 месеци од сопствени средства плаќаат камати на кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци.

-Делумната помош во плати и еднократниот грант со максимален износ од 10.000 евра не е ни приближно доволен за сервисирање на тековните комунални трошоци за нашите големи објекти како и за кириите и кредитите за истите. Таа изнесува 2-4%, за разлика од нашите соседни држави каде изнесува 20% од вкупно остварениот промет во 2019 . Попрецизно, таа сума, не е доволна да покрие режиски трошоци ниту за 2 месеци. За искористување на било каква кредитна линија, па дури и бескаматна, од суштинско значење ни е да имаме барем приближен период кога би отпочнале со работа, за да се осмелиме да ги искористиме истите и да ја ублажиме моменталната неликвидност, велат угостителите и додаваат:

„Поради тоа, Владата треба итно да ја укине уредбата со која се забранува организирање на секаков вид на настани (свадби, родендени и други фамилијарни настани) во отворен и затворен дел од објектот. Затоа во првата фаза, бараме да работиме под веќе усвоените протоколи, според кои функционираат останатите A la carte ресторани, за потоа да се донесе фазен протокол со постепено олабавување на мерките, во зависност од епидемиолошката состојба во државата. Ние сме категоризирани објекти за организирани настани , располагаме со големи капацитети и не гледаме никаква причина поради која не би отпочнале со работа во овој момент“.

Според нив, постојат многу начини преку кои надлежните би можеле да се осигураат во почитувањето на овие протоколи- лице задолжено за заштита и безбедност, камери за инспекциски надзор, дополнително обезбедување, високи стандарди за вентилација, филтрација, ограничување во бројот на гости по квадратен метар, санкции за прекршителите…

Минатата година имале три состаноци со Комисијата за заразни болести, каде што понудија најригорозни протоколи за нивното функционирање, но као што велат, не наишле на слух од нивна страна.

-Апелираме до Владата, да не ги држи во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендици, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско- санитарни услови. Доколку во најбрз можен рок не отпочнеме со работа, ни се заканува целосен пад на оваа индустрија. Тоа ќе се одрази со губење работни места, стечајни постапки, извршители, а ќе се одрази и на сите наши соработници и доверители, како и на банките.

Властите пак велат дека за сите работодавци има поддршка, но олабавувањето на мерките и дозвола за организирање свадби, нема да има се додека Комисијата за заштита од заразни болести не одлучи дека се создадени услови за тоа.

 

Катерина Бојаџиева