Максимум по три часа неделно – толку им е дозволено да играат „онлајн“ игри на децата во Кина

5

На малолетниците во Кина им е дозволено да играат онлајн-игри само меѓу 8 и 9 часот навечер во петоци, викенди и државни празници. Оваа рестриктивна одредба стапува на сила од денеска 1 септември, се наведува во одлука на Националната администрација за печат и публикации.

Со тоа, играњето се ограничување на три часа неделно во повеќето седмици во годината- дополнително намалување од правилото од 2019 година со кое малолетниците смееја да играат онлајн-игри 1,5 час дневно и три часа за време на државни празници.

Новата регулатива ќе им нанесе удар на најголемите технолошки компании во Кина, како Тенсент и НетИз. Пазарната капитализација на Тенсент веќе падна за над 300 милијарди долари од февруари наваму кога достигна 573 милијарди долари- пад кој е еднаков на севкупната вредност на гиганти како Најки или Фајзер.

Ограничувањето на игрите е дел од кампањата против технолошките компании кои имаат огромно влијание врз општеството.

На почетокот на август, Тенсент соопшти дека планира ограничување на игрите за малолетници, како и забрана за деца под 12 години да плаќаат во рамките на игрите. Тоа се случи само неколку часа откако државен весник ја критикуваше индустријата на игри и ги нарече игрите „духовен опиум“.