Симовски: Ќе си платат 300 евра оние што ги бркаат попишувачите

442

Критичната маса која е против пописот е минорна, а оние граѓани кои упорно одбиваат да се попишат ќе си платат казна од 300 евра, рече директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.

Тој посочи дека добиените податоци од пописот се користат исклучиво за статистички цели и дека ниту една институција нема пристап до тие информации.

– Најголемиот дел од домаќинствата по дополнителен разговор прифаќаат да се попишат. Многу се ретки случаите кога некој одбива да се попише. Ќе одиме и понатаму да разговараме со лицата кои одбиваат да се попишат, но ние ќе одиме на разговори, иако во законот има членови кои ни даваат за право да спроведеме други мерки, но ние оставаме простор за убедување.

Тие кои упорно одбиваат да се попишат, ќе сносат санкции согласно законот. Ова не го правиме за никого, туку за нив. Бројката на тие што одбиваат да се попишат е минорна. Не можам да кажам точна цифра, но не се повеќе од 10. Казната за тие што не сакаат да се попишат е прекршочна и чини 300 евра – истакна првиот човек на Државниот завод за статистика.

Симовски рече дека пописот би можел да покаже дека во земјава живеат околу 1.800.000 граѓани, но како што посочи, не сака да прејудицира и остава процесот да заврши.

– Има некои индиции кои покажуваат дека вкупната бројка може да биде 1.800.000 или 1.900.000 граѓани, но да не избрзуваме со прогнози – рече Симовски.