Таравари за Филипче: Другари сме уште од Клиника, но кога иде во Гостивар, не ми се јавува, се слика со „ДУИнг бизнис“

2530

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, претходникот на Венко Филипче, Арбен Таравари, вели дека со колегата министер биле другари, но и дека откако Филипче е во владата, воопшто не му се јавувал за кафе кога ќе сврати во Гостивар.

Таравари вели дека не бил поканет ниту на отварањето на Ковид центарот во Гостивар иако предходно владата му наредила да направи бетонска подлога за ковид болницата и соодветна сервисна мрежа.

Од Владата ни стигна наредба дека Општина Гостивар мора да ја направи подлогата за новата модуларна ковид болница, како и да обезбеди соодветна сервисна мрежа. Ние веднаш излеговме пресрет со цел да им помогнеме на нашите сограѓани кои се болни од коронавирусот, а целата таа операција чинеше околу 5.000 евра. Сепак, се снајдовме некако и си ја завршивме работата. Потоа, никој мене не ме извести дали и кога ќе има официјално отворање на болницата. Јас само дознав дека Филипче пристигнал таму, се фотографирал со модуларната болница и си заминал. Никој мене не ме известил и не ме поканил. А со Филипче сме другари уште од Клиника. Тој неколку пати доаѓа во Гостивар, а никогаш не ми се јавил за да пиеме кафе, се слика со овие каубојциве од ДУИнг бизнис – рече Таравари.

Во поглед на оставката што Филипче му ја понуди на премиерот Зоран Заев, Таравари вели дека власта сега се обидува да го релативизира целиот несреќен случај.

Видовме обид на неколку функционери да си дадат морална оставка и повторно тие што даваат оставка организираат директори и вработени да собираат потписи. Власта е во обид да ја релативизира несреќата во Тетово. Може да се случи земјотрес, поплава, дури и тогаш треба да има превентивни мерки. Но, кај нешто што се изградило и не ги исполниле основните услови и стандарди и потоа имате 14 изгорени тела, па барем ако постои минимум морал ќе има оставки – истакна Таравари.

Тој додаде дека бесмислено е собирањето потписи и убедувањето на јавноста дека доколку не се тие функционери ќе биде крај на светот.
Каква хипокризија. Навикнати сме да не давате оставки, но не мора да организирате некој да ви собира потписи. Ако имате одговорност кажете пријатно си одам или продолжете да работите – рече Таравари.

Гостиварскиот градоначалник истакна дека во повеќе болници нема минимални услови за лекување на болни и проблемот, како што додаде, не е само во Тетово, туку и во другите градови.

Ние сме дефокусирани во моментов. Не зборуваме за пожарот, туку за моралниот чин на оставките. Тоа е готова работа. Треба да се стават на седница и да се стават нови луѓе во Министерството за здравство и во здравствената установа во Тетово – изјави Таравари.

Тој бара германските експерти да бидат однесени и во другите модуларни болници за да ги разгледаат и да видат дали ги имаат потребни услови.

Истрагата ќе покаже кој е виновен за ова. Сметам дека во моментов не треба да се затворат другите модуларни болници, но ако не ги исполниле условите воопшто не требало да се отворат – додава Таравари и информира дека Светска банка била донатор на средствата за модуларната болница.