Таравари: Со Филипче сме другари, ама не се јавува за кафе!

5

Со министерот за здравство Венко Филипче сме другари, но тој никогаш не ми се јавил за да пиеме кафе, рече генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во неговото гостување во Дневникот на Сител.

Тој истакна дека воопшто не бил повикан на отворањето на ковид-центарот во Гостивар, иако претходно Владата му наредила да направи бетонска подлога за ковид модуларната болница, како и соодветна сервисна мрежа.

– Од Владата ни стигна наредба дека Општина Гостивар мора да ја направи подлогата за новата модуларна ковид болница, како и да обезбеди соодветна сервисна мрежа. Ние веднаш излеговме пресрет со цел да им помогнеме на нашите сограѓани кои се болни од коронавирусот, а целата таа операција чинеше околу 5.000 евра. Сепак, се снајдовме некако и си ја завршивме работата. Потоа, никој мене не ме извести дали и кога ќе има официјално отворање на болницата. Јас само дознав дека Филипче пристигнал таму, се фотографирал со модуларната болница и си заминал. Никој мене не ме известил и не ме поканил. А со Филипче сме другари уште од Клиника. Тој неколку пати доаѓа во Гостивар, а никогаш не ми се јавил за да пиеме кафе – рече Таравари.

Во поглед на оставката што Филипче му ја понуди на премиерот Зоран Заев, Таравари вели дека власта сега се обидува да го релативизира целиот несреќен случај.

– Видовме обид на неколку функционери да си дадат морална оставка и повторно тие што даваат оставка организираат директори и вработени да собираат потписи. Власта е во обид да ја релативизира несреќата во Тетово. Може да се случи земјотрес, поплава, дури и тогаш треба да има превентивни мерки. Но, кај нешто што се изградило и не ги исполниле основните услови и стандарди и потоа имате 14 изгорени тела, па барем ако постои минимум морал ќе има оставки – истакна Таравари.

Тој додаде дека бесмислено е собирањето потписи и убедувањето на јавноста дека доколку не се тие функционери ќе биде крај на светот.

– Каква хипокризија. Навикнати сме да не давате оставки, но не мора да организирате некој да ви собира потписи. Ако имате одговорност кажете пријатно си одам или продолжете да работите – рече Таравари.

Гостиварскиот градоначалник истакна дека во повеќе болници нема минимални услови за лекување на болни и проблемот, како што додаде, не е само во Тетово, туку и во другите градови.

– Ние сме дефокусирани во моментов. Не зборуваме за пожарот, туку за моралниот чин на оставките. Тоа е готова работа. Треба да се стават на седница и да се стават нови луѓе во Министерството за здравство и во здравствената установа во Тетово – изјави Таравари.

Тој бара германските експерти да бидат однесени и во другите модуларни болници за да ги разгледаат и да видат дали ги имаат потребни услови.

– Истрагата ќе покаже кој е виновен за ова. Сметам дека во моментов не треба да се затворат другите модуларни болници, но ако не ги исполниле условите воопшто не требало да се отворат – додава Таравари и информира дека Светска банка била донатор на средствата за модуларната болница.