Борејќи се за здив, Пале во самоодбpана изврши yбиство: Слобода за велешанката баpаат нејзините pоднини!

7285

Со онлајн петиција роднини на велешанката Пале (23) која е обвинета за убиство на својот вонбрачен партнер, полицаецот Александар Р.(40) бараат да биде ослободена, бидејќи, како што тврдат, убиството го извршила во самоодбрана, борејќи се за здив додека тој ја давел.

Во петицијата, нејзина прва братучеда раскажува за тешкиот живот на Пале и вели дека решила да ја раскаже вистината, со цел таа да добие условна казна.

Млада девојка без грижа од родителите на 16, 17-годишна возраст пронаоѓа утеха во погрешна личност. Родители разведени, мајката болна, брат на мојот татко, нејзин татко, сега веќе починат. Сестра со која не живее поради дотичниот, бидејќи после смртта на мојот чичко, сака целата куќа да биде префрлена на неговата девојка. Се влечат по судови, дотичниот ја напаѓа нејзината сестра со закани дека по секоја цена мора да и ја препише куќата на сестрата, верувам за потоа по секоја цена да и ја земе, и да ја остави на патот…

Поранешните сопруги на А.Р. имале каде да се вратат, кај своите родители, а мојата братучетка останува сама, заробена во својата куќа. Никогаш досега се нема пожалено на никој дека е малтретирана, а притоа секогаш беше насмеана. Замислете со што сама се справувала.

Не го поддржувам тоа што го направи, ама верувам дека секој човек би се борел за сопствениот живот. Верувајте ми, душата ме боли. Еве ви ја вистината и се надевам ќе се најдат добри луѓе кои би помогнале, би се бореле за неа, до неа, да добие условна казна. Јас сум со неа, Господ нека и е на помош – пишува во петицијата.

Според Обвинителството, по вербална и физичка расправија меѓу парот, А.Р. ја фатил за врат со намера да ја дави, па осомничената со нож му нанела убодна рана во пределот на левата страна на градниот кош која резултирала со смртна последица. Нејзе и е одреден притвор во траење од 30 дена.

Убиениот полицискиот службеник зад себе има прекршувања на закон и два пати бил осуден условно, еднаш за сообраќајна несреќа што се случила во 2010 година кога удрил во шестмина тинејџери со автомобил, кој го управувал со голема брзина, а потоа и за второто кривично дело – Изнуда го сторил на 13 септември 2016 година пред нотар во Велес, кога осомничената за убиството и нејзината сестра се договарале за оставинската постапка, а починатиот ѝ пришол на сестрата, ја фатил за врат и се заканил со зборовите „ќе ти го скршам вратот ако не ѝ ја препишеш куќата на сестра ти“.