Побарани оставки од бугарски министри, а во Македонија министрите гонат службеници за кобната несреќа

691

Иако сѐ уште трае истрагата и не се знаат точните причини за несреќата со македонскиот автобус во Бугарија во која загинаа 45 лица, веќе се констатирани низа сериозни пропусти кои се направени од страна на институциите. Но, наместо да се понесе одговорност од страна на ресорните министри и истата да служи како појдовна точка за ресетирање системот на начинот на функционирањето на институциите кои јавна тајна е дека не функционираат како што треба и се прават бројни злоупотреби, македонските министри како и секогаш, иако институциите кои ги направиле пропустите се под нивна надлежност, тие одговорноста ја бараат кај обичните службеници.

За разлика од Македонија каде институциите си ја префрлаат топката, во Бугарија, партијата на поранешниот премиер, Бојко Борисов, ГЕРБ, го повика претседателот Румен Радев да побара оставка од ресорните министри во преодниот кабинет како одговорни за несреќата на автобусот кој изгоре на автопатот Струма. Од таму сметаат дека заштитните огради на автопатите Хемус, Тракија, Струма се во страшна состојба, како и мерното обележување, нема поправки, а паркинзите за Струма се затворени пет месеци поради неможност за чистење. Како главна причина за одговорност го наведуваат тоа што уште во 2020 биле подготвени задачи за оддржување и обележување на патиштата, кои требале да бидат завршени за време на пролетта и летото но тоа не било направено.

Од друга страна, од внатрешната контрола која се спроведува во Македонија е откриено дека од страна на царинските службеници автобусот во кој загинаа 45 патници не е електронски евидентиран дека излегол од државата, а за ова се суспендирани двајца цариници кои биле на смена и поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски одземена е и лиценцата за работа на фирмата Беса Транс, а министрите кои требало да ја организираат работата Државниот инспекторат за транспорт и Царинска управа кај кои се забележани пропусти во работењето се кријат зад истите и наместо да си поднесат оставки, се гонат службеници.