ВМРО-ДПМНЕ: Масовно да кажеме „Ултиматум –  НЕ БЛАГОДАРАМ“ и денес во 19 часот пред Влада, ова се надпартиски протести поддржани од сите

1

ВМРО-ДПМНЕ упатува поддршка на продолжување на сенародниот протест „Ултиматум – Не благодарам“.

„Ги повикуваме граѓаните и денес во 19 часот пред платото на Владата масовно, достоинствено и гласно да кажат НЕ на асимилацијата и да застанат во одбрана на националните и државните интереси.

Масовните протести се начин како граѓаните без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност да го изразат достоинствено и мирно својот став против уцените и ултиматумите кои и се поставуваат на Македонија во нејзиниот европски пат. Масовните протести се начин како да се вразуми Владата да го одбие непринципиелниот и навредлив Предлог и да се врати на основните европски, демократски и човечки принципи и вредности како основен темел на евроинтеграцијата на Македонија. Владата на Ковачевски не смее да прави компромиси со диктати кои на Македонија ќе и донесат или статус на вечен преговарач или целосна асимилација.

Овие протести се надпартиски и граѓански и затоа обединуваат огромен број на луѓе, интелектуалци и општествени чинители. Затоа повикуваме на бројност и мотивираност за да и порачаме на Владата да ја прифати волјата на народот кој вели Ултиматум –  НЕ БЛАГОДАРАМ“ – се наведува во соопштението од партијата.