Ескобар изјави дека Северна Македонија треба веднаш да стане членка на ЕУ

218

Северна Македонија треба да биде целосен кандидат и најскоро да стане членка на Европската Унија. Северна Македонија е стабилен партнер, и билатерално и во мултилатерални сојузи, како што се НАТО и ОБСЕ, изјави Габриел Ескобар, специјален пратеник на САД за Западен Балкан, кој се наоѓа во посета на Приштина.

На својата официјална Фејсбук страница, Амбасадата на САД во Скопје го објави следново:

“Габриел Ескобар вчера изјави дека Северна Македонија е извонреден партнер за САД, како во билатерални, така и во мултилатерални сојузи, вклучувајќи НАТО и ОБСЕ. Очекуваме по изборите земјата да има влада посветена на членството во Алијансата и интеграцијата во ЕУ.

Претходната Влада беше посветена на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата. Очекуваме слична посветеност и од владата што ќе дојде. Изјавите на Ескобар беа дел од брифингот во Брисел пред неговата посета на Приштина, Виена и Подгорица.

Тој изрази надеж дека по изборите ќе биде можно да ја посети земјата, бидејќи ќе се фокусира на актуелни прашања како Косово и случувањата во Црна Гора.

На вториот ден на посетата на Косово, Ескобар го посети Дечанскиот манастир и општината Пеќ, каде се сретна со градоначалникот и претставници на граѓанскиот сектор.

Во интервју за Радио Гораждевац, американскиот емисар изрази загриженост поради новата регулатива на Централната банка на Косово, која забранува користење на српски динар, што предизвикува тешкотии за косовските Срби да ги добијат приходите и пензиите кои се исплаќаат од Србија.

Пред средбата со премиерот Албин Курти, Ескобар истакна дека сака да работи со Владата на Косово за наоѓање на итни решенија.

На српската заедница во Косово му порача дека САД се тука и сакаат Србите да живеат во безбедни и достојни услови.”