Bentley го претстави најбрзиот SUV во светот

0
162

Како производител на исклучително квалитетни и луксузни модели, Bentley отсекогаш можел да се пофали со импресивен дизајн на возила, а новиот Bentayga Speed е само уште еден во низата впечатливи примероци од оваа компанија. Од Bentley тврдат дека овој модел е најбрзиот SUV на пазарот, дури побрз и од Lamborghini Urus. Според официјалните податоци од компанијата, Bentley Bentayga Speed има максимална брзина од 306 км/ч, што го прави доволно брз за да успее да го претекне моделот на Lamborghini до првото место на листата на најбрзи возила од SUV сегментот.

Овој нов модел користи погон со унапреден 6.0-литарски twin-turbo мотор што произведува 635 коњски сили и 900 Nm. Тоа се 27 коњски сили повеќе отколку кај регуларниот Bentley Bentayga со W12 мотор, додека обртниот момент остана ист кај двете возила. Дополнителната моќ влијаеше и на подобрување на забрзувањето, па Bentayga Speed достигнува брзина од 100 км/ч од стоечка позиција за само 3,9 секунди. Основната верзија ја постигнува оваа брзина за 4,1 секунди.

Bentley Bentayga Speed за првпат ќе се појави пред јавноста на Саемот за автомобили во Женева, кој почнува на 5 март. Засега нема официјални информации за цената, но со оглед на тоа дека Bentley Bentayga W12 чини 230.000 долари, може да се очекува новиот модел да биде нешто поскап.